Бдение во чест на
Св. Игнатиј Богоносец
Радувај се отче Игнатије богоносецу и чудотворче. И пак ќе речам радувај се бидејќи ни благоухаше за да предвкусиме од рајската состојба. Најмили наши, денешниот наш славеник не собра сите заедно во овој свет храм и повторно ни ја покажуваше Славата Господова. Страдалникот за Христа ни благовестеше радост, не земна но небесна, благоухајќи преку неговите чудотворни мошти на сите ни е утеха, поткрепа а на некои и лекар. Господ Милостивиот, кој го прослави нашиот славеник, преку неговите чудотворни мошти ни дава и нам исцеленија, рожби и на полезно ги исполнува нашите прозби. Денес направивме и голем чин, односно света тајна елеосвештение, седумте евангелија и седумте апостоли кои ги прочитавме заедно со седумте молитви над елеот, ни ја откриваа во полнота милоста Божја за човековото спасение. Најмили, да ги насочиме нашите мисли и срца, со молитва кон светиот Игнатиј Богоносец и пред кивотот со неговите чудотворни мошти да испросиме спасение за нашите души и лек за нашите немоќи, па помазани со светиот елеј да добиеме исцеление на нашите тела и души. По молитвите на светиот Игнатиј Богоносец и на светиот Јован Кронштатски, Господи Исусе Христе Боже наш помилуј не и спаси не, амин.